Моралес се закани со затворање на американската амбасада во Боливија

Авионот на боливискиот претседател Ево Моралес принудно слета во Виена во вторникот.

Претседателот на Боливија Ево Моралес се закани дека ќе ја затвори американската амбасада во неговата земја, како одговор на тоа што неговиот авион беше блокиран во Европа поради сомнеж дека го превезува поранешниот соработник на американската Агенција за национална безбедност Едвард Сноуден по кого САД имаат распишано потерница за шпионажа. Моралес го обвини Вашингтон дека вршел притисок врз Франција, Португалија, Италија и Шпанија да не му дозволат влез во нивниот воздушен простор на неговиот авион доцна во вторникот кога тој се враќаше од Русија. Авионот принудно слета во Виена, но Сноуден не беше таму. Во меѓувреме лидерите на пет земји од Јужна Америка му изразија поддршка на Моралес. Тој во боливискиот град Кочабамба се сретна со претседателите на Венецуела, Еквадор, Аргентина, Уругвај и на Суринам.