Волерс - Македонија немала поголем пријател од САД

Амбасадорот на САД во Македонија Пол Волерс.

Граѓаните на Македонија го сакаат она што сите го сакаат: посилно, побезбедно и попросперитетно општество. Сакам да знаат дека додека работат во насока на остварување на тие цели, уште од независноста на земјата, тие немаат и немале поголем пријател од САД. Ова е пораката што ја упати амбасадорот на САД Пол Волерс, во синоќешното обраќањето на приемот по повод 237-та годишнина од независноста на Америка, на кој присуствуваа околу 1.200 гости.

„Нашето пријателство не е површно. Вие сте биле наши партнери на опасни места, како во Ирак и во Авганистан, заради остварување заеднички цели. Ние сме биле со вас кога не било лесно. САД ги поддржуваат граѓаните на Македонија заради тоа што ги споделуваме вашите цели и соништа, како што беше во 1991 година, која ја поддржавме вашата независност, во 1993 и во 1994, кога работевме за да ги заштитиме вашите граници, во 1998 кога помогнавме во преговорите да се стави крај на економското ембарго, во 2001 кога помогнавме да се стави крај на конфликтот. Во 2004 кога ве признавме под вашето уставно име и во 2008 година кога воопшто не беше лесно, но претседателот на САД се бореше за вас до последниот момент на Самитот на НАТО во Букурешт“, рече амбасадорот Волерс.

Тој нагласи дека продолжува поддршката од САД и како што рече, има и пречки и разочарувања, но, истакна, успехот ќе дојде и САД ќе бидат со вас. Тој рече дека САД сакаат да ја видат Македонија како членка на Евро-атлантската заедница.