Албанија ќе дава државјанства, но не и на Kосовците

Албанскиот премиер во заминување, Сали Бериша, ја соопшти последната одлука на Владата за давање албанско државјанство за сите Албанци по потекло, освен на оние од Косово, јави дописникот на МИА од Тирана. Зборувајќи на седница на Владата, Бериша изјавил дека со овој процес не се опфатени Албанците од Косово, за кои додал дека се жители на една независна држава и во „еден здрав процес со ЕУ“. Со одлуката на Владата во Тирана се определуваат процедурите за добивање на албанско државјанство, а министерствата за надворешни работи и за внатрешни работи се задолжуваат да ги направат сите потребни подготовки за тоа.

„Албанија е последна држава во регионот и Европа која овозможува давање на државјанство на своите сонародници, за разлика од сите други кои тоа го сторија многу порано“, изјавил Бериша, дообјаснувајќи дека оваа одлука мирувала четири месеци, пред одржувањето на парламентарните избори во земјата.

Според него, овој чекор на Владата не треба од никого да се сфати некаков друг чин освен во интерес на доброто на Албанците, мирот и стабилноста каде што тие живеат. Аплицирањето на добивање албанско државјанство почнува на први август годинава.