Во Пекинг средба на Груевски со претседателот Џипинг и со премиерот Кечианг

Премиерот Никола Груевски кој од вчера е во посета на Народна Република Кина, денеска во Пекинг ќе се сретне со претседателот на државата Си Џипинг и со премиерот Ли Кечианг.
Утре, македонскиот владин тим предвоеден од премиерот Груевски ќе присуствува и ќе се обрати на Конференцијата за соработка меѓу НР Кина и земјите од Централна и Источна Европа што ќе се одржи во градот Чонгкинг.
Во рамките на економската турнеја за привлекување инвестиции, премиерот Груевски и владината делегација која ја сочинуваат министерот за надворешни работи Никола Попоски и министерот без ресор задолжен за привлекување странски инвестиции Веле Самак, ќе остварат и повеќе поединечни средби со претставници на кинески компании од различни сектори кои се потенцијални инвеститори во нашата земја.