Македонија „заборавена“ во ЕУ

Средба на премиерот Никола Груевски со новиот лидер на СДСМ Зоран Заев на 6 јуни 2013 година.

Не постои ниту план Б, ниту соодветна алтернатива на нашиот пат кон ЕУ и НАТО од секој аспект, и како мала земја и пазар и економски гледано и како мултиетничко општество, вели претседателот на СДСМ Зоран Заев.
Јунскиот Самит се наближува и сосем извесно е дека Македонија повторно нема да добие датум за почеток на преговори со ЕУ. За разлика од нашите соседи кои остварија значаен напредок во изминатиот период, Македонија треба да биде задоволна ако остане на истиот статус, вели опозицијата и дел од експертите. Хрватска на 1 јуни ќе стане полноправна членка, а Србија се очекува по постигнатиот договор со Косово да добие датум за преговори. Од МНР велат дека сè уште не се знае кој ќе ја претставува Македонија на Самитот и нè упатија кај Владата која не беше достапна за информации.
Не постои ниту план Б, ниту соодветна алтернатива на нашиот пат кон ЕУ и НАТО од секој аспект и како мала земја и пазар и економски гледано и како мултиетничко општество. Да не заборавиме зошто целите ЕУ и НАТО се приоритетни за Македонија.
Зоран Заев, претседател на СДСМ.

Претседателот на СДСМ Зоран Заев вели дека владата во изминатите денови ја подготвува јавноста дека и овој пат Македонија ќе извиси.

„Овие денови гледаме едно јавно признание од страна на премиерот и министерот за надворешни работи дека би биле среќни ако не има на дневен ред на јунскиот Самит. Значи можно е воопшто и да не се дискутира за Македонија. Но, едно е јасно дека датум за преговори Македонија нема да добие. Тоа е поразително и некој конечно мора да им објасни на граѓаните на нашата земја зошто Македонија од 2005 наваму нема никаков напредок во делот на добивање датум за преговори по осум години кандидатски статус“, вели Заев.
Овој јунски самит за Македонија дефинитивно треба да биде еден нов импулс за прагматизирање на нашата политичка сцена, за ставање на вистинските приоритети на прво место на политичката агенда и политичарите треба еднаш да се сплотат и да излезат пред народот да кажат дека некои работи мора да се завршат ако ние навистина сакаме да станеме членка на ЕУ.
Алберт Муслиу, политички аналитичар.

Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу вели дека по сите збиднувања и укорите од страна на меѓународните партнери, добар резултат за Македонија на јунскиот самит би бил и одржување на претходниот статус.

„Не верувам дека има некој што е голем оптимист сега и очекува на јунскиот самит да добиеме датум за почеток на преговори. Се надевам дека на овој самит, освен јужниот сосед, нема да му се придружи и источниот сосед во приговорите на нашето членство. Верувам дека ништо драматично прогресивно нема да се случи и во овој момент статус-кво, односно одржување на претходниот статус во овој момент за нас би било добро“, вели Муслиу.

Според Заев, за опозицијата друга алтернатива за евроинтеграциите нема.

„Не постои ниту план Б, ниту соодветна алтернатива на нашиот пат кон ЕУ и НАТО од секој аспект и како мала земја и пазар и економски гледано и како мултиетничко општество. Да не заборавиме зошто целите ЕУ и НАТО се приоритетни за Македонија“, вели Заев.

И Муслиу на истиот став.

„Овој јунски самит за Македонија дефинитивно треба да биде еден нов импулс за прагматизирање на нашата политичка сцена, за ставање на вистинските приоритети на прво место на политичката агенда и политичарите треба еднаш да се сплотат и да излезат пред народот да кажат дека некои работи мора да се завршат ако ние навистина сакаме да станеме членка на ЕУ“, вели Муслиу.

Опозицијата порачува дека премиерот Никола Груевски кој повикал на национален консензус за иднината на државата редно е да конкретизира на што мисли за да можат другите партии и народот да се изјаснат.