Вестервеле и Давутоглу разговарале „конструктивно и пријателски“

Архивска фотографија: Министрите за надворешни работи на Турција и на Германија, Ахмет Давутоглу и Гидо Вестервеле.

Министрите за надворешни работи на Германија и на Турција, Гидо Вестервеле и Ахмет Давутоглу денеска разговарале за актуелните односи на Турција со ЕУ. Тие се сретнале на маргините на собирот на „Пријателите на Сирија“ во Доха, при што разговарале во „конструктивна и пријателска атмосфера“, соопшти германското Министерство за надворешни работи,

Средбата се одржа во време на зголемени тензии во односите меѓу Берлин и Анкара. Вчера, германското Министерство за надворешни работи му врачи официјален протест на турскиот амбасадор во Берлин поради изјавата на турскиот министер за ЕУ, Егемен Багаш дека германската канцеларка Ангела Меркел ја користи ситуацијата во Турција за „потребите на нејзината изборна кампања“.

Тензиите се зголемија по острата критика што официјален Берлин ја упати на сметка на турската Влада околу односот кон учесниците во антивладините протести во земјата и по изјавата на Меркел дека е „шокирана“ од бруталноста на турската полиција.