На контра геј-парадата немаше жив човек

Архивска фотографија: Марш по повод Денот на толеранцијата во Скопје на 17април 2010.

Не се одржа контра геј-парадата во Скопје која за денеска беше најавувана на социјалните мрежи. Во повикот објавен на социјалната мрежа Фејсбук стои дека демонстрантите требаше да се соберат пред Соборниот храм Свети Климент Охридски од 14 до 15 часот, по што ќе тргнат кон Собранието и кој Плоштадот Македонија.

Петнаесетина минути пред 15 часот во дворот на Соборниот храм немаше никакви знаци на евентуален собир, освен полициското комбе паркирано пред црквата. Во 15 часот, на клупите во дворот на Соборниот храм седеа точно осум, претежно средовечни мажи и жени, дојдени да запалат свеќа за задушница, имаше четворица работници кои извршуваа градежни работи на црквата, а во храмот имаше тројца верници. Неколку минути по 15 часот и полициското комбе си замина од пред црквата.

Претходно, Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ информира дека до МВР поднеле пријава за поттикнување на дискриминација и насилство, против неидентификуваните организатори на контра геј-парадата. Тие соопштуваат дека за денеска не е планирана никаква геј-парада, туку оти започнува „Неделата на гордоста“, во чии рамки ќе бидат одржани повеќе настани, но ниту еден од нив не предвидува јавен марш.

„Очекуваме од МВР да ги преземе сите неопходни мерки за заштита од насилство, дискриминација и ширење омраза врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет, и да овозможи мирно и непречено одвивање на планираните активности во Неделата на гордоста“, се наведува во соопштението потпишано од Хелсиншкиот комитет за човекови права – ЛГБТИ центар за поддршка и Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ – Скопје.

Тие ја повикаа МПЦ да се огради од овој настан, и да ја спречи злоупотребата на верските храмови за активности кои вклучуваат ширење на омраза и нетолеранција.