Телефонски разговор Кери-Карзаи за последните недоразбирања

Американскиот државен секретар Џон Кери телефонски разговарал со авганистанскиот претседател Хамид Карзаи во обид да ги намали недоразбирањата кои се закануваат да ги нарушат обновените мировни разговори со Талибанците, кои се водени од САД. Карзаи вчера се закани дека ќе ги бојкотира разговорите со Талибанците, додавајќи оти ќе ги запре и преговорите со Вашингтон околу договорот за американско-авганистанските односи по 2014 година.
Администрацијата на Карзаи беше гневна откако Талибанците во вторникот отворија канцеларија во Катар, под името што го користеа додека беа на власт од 1996 до 2001 година, „Исламски Емират Авганистан“. Катарските власти наредиле знакот да биде тргнат.
Карзаи бара сите мировни преговори да бидат водени од Авганистан. Американски официјален претставник соопшти дека разговорите со Талибанците ќе продолжат во наредните неколку дена.