ЗНМ бара прво расчистување на исфрлањето новинари од Собранието

Здружението на новинарите на Македонија го поздравува формирањето на Анкетната комисија, која меѓу другото треба да ги утврди и фактите за инцидентот со новинарите на 24 декември и го реафирмира предлогот прво да биде разгледано исфрлањето на новинарите од собраниската галерија затоа што, според ЗНМ, тој инцидент е многу појасен и со ништо не е поврзан со останатите случувања во и околу Собранието.
ЗНМ, како што се наведува во нивното соопштение, верува дека анкетната Комисија ќе го прифати овој предлог што ќе овозможи брзо обновување на дијалогот со Владата, што е барање на ЕК. Со расветлување на инцидентот, се наведува во соопштението, Комисијата ќе придонесе за отворена и инклузивна расправа за Нацрт-законот за медиуми и аудиовизуелни услуги.
- Ако биде прифатен овој конструктивен предлог, ЗНМ ќе ги повика новинарите активно да соработуваат и да сведочат пред Анкетната комисија, се вели во соопштението од ЗНМ.