Пахор: Македонија да добие датум за преговори во јуни

претседателот на Словенија Борут Пахор

„На Македонија во јуни треба да и се даде датум за почеток на преговори со ЕУ“, изјави претседателот на Словенија Борут Пахор на денешната прес конференција, по неговото обраќање во Европскиот парламент во Стразбур. „Иако прашањето за името не е решено, јас сум да и се додели датум за почеток на преговори на Македонија. Како голем пријател на Македонија, јас можам само да жалам што не се искористи можноста која и беше дадена да го реши проблемот со Грција.“
Според Пахор, проблемите треба да се решаваат, а не да се продлабочуваат. „Потребно е да и се даде датум на Македонија, но тоа е мое лично мислење. Ова под еден услов, кога одлуката ќе биде донесена, Македонија и Грција во еден разумен рок треба да се согласат да најдат решение и компромис за прашањето со името“, изјави словенечкиот претседател.