Груевски: Македонија нема вина за откажувањето на Самитот на ПСЈИЕ

„Претседателот Ѓорге Иванов постапи правилно со одложувањето на Самитот на Процесот за соработка на Југоисточна Европа. Се судрија интереси на други држави, а Македонија нема каква било вина“.

Тоа го оцени премиерот Никола Груевски, во одговор на прашање од пратеникот од ДПА Имер Алиу на денешната седница на Собранието.

Алиу побара одговор за непоканувањето на Косово на Самитот на ПСЈИЕ, што требаше да се одржи претстојниот викенд во Охрид.

Груевски појасни дека ПСЈИЕ, како органзиација во која членува Македонија, има свои правила согласно кои дневниот ред и поканите се испраќаат со одредна процедура за која што е потребен консензус, односно за којашто која било од земјите членки има право на вето.
Пред неколку дена, укажа, две од државите членки го искористија тоа право на вето и го блокираа предлогот со кој требаше да биде испратена покана и до Косово.

Одлуката на претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов за откажувањето на Самитот на долг рок ќе донесе добри резултати, оцени денеска генералниот секретар на Регионалниот совет за соработка (РСС) Горан Свилановиќ во Охрид каде што се одржува Регионалниот Совет.