Саакашвили обвинува за политички апсења во Грузија

Уапсените Зураб Чиаберашвили и Иване Мерабишвили.

Грузискиот претседател Михаил Саакашвили ги спореди последните апсења на членови на неговата администрација со затворањето на поранешната украинска премиерка Јулија Тимошенко. Полицијата ги уапси поранешниот премиер Иване Мерабишвили и поранешниот министер за здравство Зураб Чиаберашвили, кој сега е гувернер на областа Кахети во источна Грузија, под обвиненија за корупција. Саакашвили оцени дека апсењата на членови на неговата партија се политички мотивирани.

Десетици поранешни функционери, вклучувајќи го и поранешниот министер за внатрешни работи, беа уапсени откако опозициската коалиција предводена од милијардерот Бидзина Иванишвили минатиот октомври ја собори партијата на Саакашвили од власт.

Судот треба да одлучи дали ќе им дозволи на Мерабишвили и на Чиаберашвили да се бранат од слобода.