Индија му понуди поголема помош на Авганистан

Средба на претседателите на Индија и на Авганистан, Пранаб Мухерџи и Хамид Карзаи, во Њу Делхи.

Индија му понуди поголема помош на Авганистан по повлекувањето на меѓународните сили најавено за наредната година. Индискиот претседател Пранаб Мухерџи по средбата со неговиот авганистански колега Хамид Карзаи во Њу Делхи соопшти дека „Индија е подготвена да го зголеми билатералниот придонес во градењето на институциите, обуки и опрема“. Во соопштението не пишува ништо за воена помош. Освен со Мухерџи, Карзаи се сретна и со индискиот премиер Манмохан Синг во очигледен обид да обезбеди воена помош. Пред средбите, портпаролот на Карзаи Аимал Фаизи изјави дека авганистанскиот претседател бара „секаков вид на помош од Индија“ во насока на зајакнување на „воените и безбедносни институции“. Индија веќе обезбедува помош во воена обука за Авганистан, според договорот за стратешко партнерство постигнат во 2011 година.