Бангладеш и Мјанмар - 18 загинати при циклон

Циклонот кој се закануваше да се прошири во Бангладеш и Мјанмар почна да се повлекува откако зад себе остави 18 мртви и големи штети на крајбрежните области. Директорот на Бангладешкиот метеоролошки оддел Мохамед Шах Алам изјави дека циклонот Махасан ја загубил силата по поројните дождови, а потоа свртел западно од предвидената насока на движење. Стравувањата дека Махасан би можел да предизвика големи поплави ги поттикнаа официјалните претставници да побараат повеќе од еден милион луѓе да ги напуштат загрозените крајбрежни области. Властите, исто така ги прекинаа активностите во централниот дел на градот и ги откажаа сите летови кон и од аеродромот.
Канцеларијата на Обединетите нации предупреди дека Махасан може да биде ризичен за милиони луѓе во околниот регион.