Лекарите и фановите ја поздравија одлуката на Анџелина Џоли

Здравствени активисти, лекари и филмски фанови ја поздравија одлуката на актерката Анџелина Џоли да открие дека ги отстранила двете дојки за да го намали ризикот од рак. Хирургот на Џоли, доктор Кристи Фанк од центарот „Pink Lotus Breast“ во Лос Анџелес, во својот блог напиша: „се надеваме дека свеста што таа ја разбуди насекаде во светот ќе спаси безброј животи“.
Партнерот на Џоли, филмската ѕвезда Бред Пит го нарече нејзиниот избор херојски.
Врз 37-годишната актерка беше извршена двојна мастектомија за да се намали ризикот од развој на рак поради присуството на "погрешен" ген познат како BRCA1, со што ризикот од рак на дојка бил зголемен за 87 проценти, а ризикот од рак на јајник за 50 насто.