Партијата на Борисов води на изборите во Бугарија

Поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов.

Партијата на поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов води на парламентарните избори кои се одржаа вчера во Бугарија. Анкетите покажуваат дека партијата на Борисов, Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ) освои околу 30 отсто од гласовите, а на второ место е социјалистичката БСП со 27 отсто од гласовите. Ако ова бидат и официјални резултати, Борисов ќе нема доволно мнозинство за во 240 члениот парламент, па ќе мора да формира коалиција, што според аналитичарите нема да биде лесна задача.

Предвремените парламентарни избори во неделата уследија по масовните протести поради високите цени на енергијата, сиромаштијата и корупцијата. Изборите требаше да се одржат во јули, но се гласаше порано бидејќи Борисов си поднесе оставка по демонстрациите во февруари. Изборната кампања беше нарушена со скандалот со нелегално прислушкување, наводно, по наредба на поранешниот министер за внатрешни работи. Медиумите јавуваат дека синоќа дошло до повторен судир меѓу демонстрантите и полицијата.