Ахмети и Нимиц - Сега е најдоброто време да се реши прашањето за името

Ахмети и Волерс.

Сега е најдоброто време да се реши прашањето за името, се согласиле лидерот на ДУИ Али Ахмети и медијаторот Метју Нимиц на работниот ручек во Њујорк, соопштуваат од ДУИ. Во соопштението се наведува дека двајцата соговорници разговарале за последните случувања околу преговорите за спорот со името и се согласиле дека политичарите треба да преземат значајни одлуки за да ја осигураат иднината на земјата.

Во соопштението се наведува дека Ахмети побарал од меѓународната заедница поголема поддршка за процесот.

Претходно, Ахмети во претставништвото на САД во ОН се сретнал со амбасадорката Розмари ди Карло. Од неа добил уверување дека Македонија ја има американската поддршка за интеграцијата во НАТО, но и дека треба да се постигне компромис со Грција околу прашањето со името што ја држи Македонија далеку од евроатлантските структури, стои во соопштението од ДУИ.

Ахмети се сретнал и со амбасадорот на Велика Британија и преставниците на француската постојана мисија во ОН и од нив добил пораки дека треба да се постигне компромис во спорот со името.

Сите три постојани мисии - на САД, Велика Британија и на Франција, се постојани членки на Советот за безбедност на ОН.