ХРВ бара ослободување на дописникот на РСЕ од Туркменистан

Дописникот на Радио Слободна Европа од Туркменистан, Ровшан Јазмухамедов.

Организацијата Хјуман рајтс воч со седиште во Њујорк ги поддржа другите организации кои повикуваат на ослободување на затворениот дописник на Радио Слободна Европа од Туркменистан, Ровшан Јазмухамедов. Тој беше уапсен во понеделникот во градот Туркменабат во источен Туркменистан, но неговото семејство беше известено за апсењето дури во четвртокот. Хјуман рајтс воч во соопштението објавено денеска вели дека туркменистанските власти „треба веднаш да го ослободат или основано да го обвинат“ Јазмухамедов, кој е уапсен поради „причини што не се соопштуваат“. Организациите Амнести интернејшнал и Репортери без граници вчера објавија соопштенија во кои предупредуваат дека „Јазмухамедов е во опасност од тортура“.

„Радио Слободна Европа е еден од неколкуте преостанати извори на независни информации за животот во Туркменистан“, се наведува во соопштението на Амнести интернејшнал.