Религијата и различностите - тема на меѓународната конференција

Третата конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог денеска продолжува со три пленарни сесии за религијата и различностите. Тема но годинешнава конференција е „Слободата и достоинството – основни вредности во меѓучовечките, меѓурелигиските и меѓукултурните односи“.

На вториот ден од конференцијата ќе биде одржан и Форум за млади, на кој ќе се обрати претседателот Ѓорге Иванов.

Претседателот Иванов заедно со министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, ќе се обрати и на затворањето на конференцијата, која ќе заврши со усвојување декларација што ја подготвија Меѓународниот комитет и Националното координативно тело за организирање на настанот.

На конференцијата денеска ќе бидат одбележани трите јубилеи на кои таа е посветена: 1700 години од Миланскиот едикт - добивање слобода на христијанството; 70 години од холокаустот на Евреите и 10 години од Самитот на шефови на држави од Југоисточна Европа „Дијалог меѓу цивилизациите“ во рамките на УНЕСКО и Охридската порака за мир, инициран од покојниот претседател Борис Трајковски во 2003 година.

За разлика од првите две конференции во 2007 и 2010, кои се одржаа во Охрид, третата се одржува во Скопје. Учествуваат околку 250 домашни и странски верски претставници и професори теолози.