Уапсени 20 лица, а повредени 16 на протестите во Турција

Најмалку 16 лица се повредени, а 20 се уапсени денеска во судирите меѓу демонстрантите и полицијата во центарот на Истанбул, откако властите не дозволија да биде организиран традиционалниот собир за 1 Мај на плоштадот Таксим. Меѓу повредените се наоѓа и Ѓурсел Текин, потпретседателот на главната турска опозициска партија Народнорепубликанска партија (НРП), која е организатор на протестот во квартот Бешикташ. Полицијата употребила водени топови и солзавец за да ги растера демонстрантите, кои фрлале камења и молотови коктели кон нејзините припадници.
Демонстрантите се обидувале да ги пробијат полициските кордони за да стигнат до Таксим. Зајакнати се мерките за безбедност околу канцеларијата на турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган во Бешикташ, каде избиле најтешките судири.