Северна Кореја не се откажува од нуклеарното оружје

Северна Кореја повтори дека нема да се откаже од своето нуклеарно оружје, но дека Пјонгјанг е отворен за преговори за намалување на оружјето. Државниот весник Родонг Синмун пишува дека Пјонгјанг нема да се откаже од нуклеарната програма, сè додека целиот свет не се денуклеаризира. САД и Јужна Кореја го повикаа Пјонгјанг да продолжи со разговорите за нуклеарната програма. Северна Кореја завчера соопшти дека ќе се врати на разговорите само ако ОН ги укинат санкциите, а САД и Јужна Кореја да ги завршат заедничките воени вежби. Сеул и Вашингтон го отфрлија барањето како „апсурдно“. Во изминативе недели Северна Кореја се заканува со нуклеарен напад врз САД и врз нивните азиски сојузници. Разговорите за севернокорејската нуклеарна програма во кои се вклучени Северна и Јужна Кореја, САД, Кина, Јапонија и Русија се во застој од 2009 година.