Кипар воведе нови банкарски ограничувања

Кипарското Министерство за финансии по консултациите со Централната банка итно воведе измени во указот за контрола на движењето на капитал, драстично ограничувајќи ја можноста за извршување банкарски трансакции во земјата. На веб страницата на Министерството е објавена новата верзија на указот, кој веќе седум пати е изменет, според која без одобрение на Централната банка можат да се извршуваат само плаќања во износ до 300 илјади евра, но не и трансфери.
Оваа измена е воведена поради вчерашната треска во кипарските банки, кога луѓето масовно се обидоа да префрлат пари од нивните сметки во Банката на Кипар во други кредитни организации или да ги поделат поголемите депозити на повеќе помали. Таа можност им беше дадена на 11 април со претходниот указ на Министерството за финансии.
Во новиот документ се презицира дека физичките лица можат да вршат меѓународни трансакции само во износ до две илјади евра месечно, а правните лица до десет илјади евра. На клиентите на една банка им се забранува да отвараат сметки во други банки на островот.