Џафери во посета на македонските мировници во Авганистан

Делегација од Министерството за одбрана, предводено од министерот Талат Џафери е во посета на мировниците од Армијата на Република Македонија кои се дел од силите ИСАФ, во Авганистан. Ова е прва посета на министерот Џафери на македонскиот контингент во ИСАФ од неговото назначување на функцијата министер за одбрана. Џафери остварил средба со заменик-командантот на ИСАФ, генерал-потполковник Ник Патрик Картер и заменик-најстариот национален претставник на НАТО, Ендру Штајнфилд. На средбата било разговарано за прогресот на демократските процеси во Авганистан, за капацитетите на авганистанските безбедносни сили, како и за планот за транзиција на мисијата. Министерот Џафери посочил дека Република Македонија во целост ги поддржува напорите на меѓународната заедница за обезбедување на стабилна и безбедна демократска иднина за Авганистан. Тој истакнал дека нашата држава е подготвена во линија со потребите на Алијансата и со домашните капацитети, да учествува во новата мисија и да продолжи да дава придонес во унапредувањето на авганистанското општество и по 2014 година.