Србија ќе бара итно продолжување на дијалогот со Косово

Српскиот премиер Ивица Дачиќ

Српската влада денеска едногласно одлучи да побара итно продолжување на дијалогот со Приштина со посредство на ЕУ. Српскиот премиер Ивица Дачиќ истакна дека властите не можат да ги прифатат принципите кои усно биле пренесени до преговарачкиот тим, бидејќи тие не гарантираат целосна безбедност, опстанок и заштита на човековите права на Србите во Косово.
Според него, договорот заснован на понудените принципи не би довел до конечно и одржливо решение и надминување на сегашната состојба во Косово и Метохија. Дачиќ порача дека со досегашното учество во дијалогот и подготвеноста на компромис српската влада покажала искрена решеност за постигнување целосен договор.