МОСТ-мирна атмосфера и мали нерегуларности во вториот круг

Втор круг гласање на Локални избори 2013.

Граѓанската асоцијација МОСТ денеска оцени дека гласањето во вториот круг од локалните избори генерално е спроведено во мирна атмосфера со незначително намален број на нерегуларности. Според нив, најчести нерегуларности во вториот круг биле семејното гласање, некористењето на УВ ламбата и спрејот, фотографирањето на гласачките ливчиња, како и непочитувањето и злоупотребата на процедурата за гласање на лица кои не можеле да гласаат сами.
На изборите, како што информираа од МОСТ, имало и ситуации кои оставаат простор за недоверба во податоците во Избирачкиот список, а во однос на предвременото гласање е забележано зголемување на бројот на пријавени лица.
Изборната кампања за вториот круг според МОСТ се карактеризирала со пониско ниво на теренска активност од страна на политичките субјекти, а кампањата се одвивала со понизок интензитет во првата недела, додека активностите биле интензивирани во последните денови пред започнување на изборниот молк.