Верски судири во Каиро

Египетската полиција соопшти дека судирите во Каиро се обновиле, по вчерашните насилства пред коптската христијанска катедрала во Каиро во кои имаше еден загинат. Насилствата избија по погребната молитва за четворица христијани кои беа убиени во меѓуверските насилства на 5 април. Очевидци велат дека по молитвата, христијаните биле гаѓани со камења на излегување од црквата. Додека други очевидци, пак, велат дека христијаните извикувале слогани против Муслиманското братство на египетскиот претседател Мохамед Морси. На телевизиските снимки можеше да се види дека специјалните полициски сили испукуваат солзавец кон портите на катедралата, откако христијанските верници се обиделе да се засолнат таму. Катедралата е симбол на коптската заедница која долго време се жали на дискриминација од египетските власти.