За ВМРО-ДПМНЕ изборите демократски, за СДСМ нефер

Денешниот втор круг од локалните избори беше празник за демократијата во нашата држава. И овој ден за Република Македонија, како и оној пред две недели ќе значи напредок за државата во остварување на европските перспективи, оценија вечерва од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

„Граѓаните на Република Македонија во одличен број денеска излегоа на гласање во овој втор круг на изборите. Процентот е многу солиден односно голем споредено со вторите кругови на гласањето на локалните избори во изминатите години. Очигледно е дека на овие Локални избори народот ја искажува недвосмислено својат политичка волја и недвосмислено го дава правецот како треба да се развиваат и да се движат и единиците на локалната самоуправа и целата држава“, изјави директорот на центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНе Илија Димовски.

Од опозициската СДСМ оценија дека во вториот круг кулминираа нерегуларностите на локалните избори.

„Со тоа овие локални избори во целост се нерегуларни, нефер и недемократски со сите можни нерегуларности“, изјави Игор Ивановски, шеф на изборниот штаб на Сојузот за иднината.

Според него, на гласачките места биле забележани „поткуп, присила на гласачи, организирано носење гласачи со државни возила, бугарски воз, приведување опозициски активисти, семејно гласање, сликање на гласачките места“. Особено брутално нарушување, како што наведе, имало во општина Центар каде досега изборите секогаш поминувале мирно. Ивановски обвини дека во оваа општина биле носени фантомски гласачи од други градови и од соседна Албанија - Мала Преспа и Пустец, дека биле носени од државни службеници особено од полицијата со комбиња, за што поседувале снимки и изјави од граѓани.