Јанкулоска - Изборите согласно највисоките демократски стандарди

Изборниот ден помина согласно највисоките демократски стандарди. Не е регистриран ниту еден посериозен инцидент, ниту пристигнаа пријави за какво било нарушување на изборниот процес, соопшти вечерва министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.

Јанкулоска на прес-конференција информира дека на речиси сите 1.614 избирачки места гласањето заврши без никаков проблем и веќе почнува пребројувањето на гласовите. Само на неколку, под еден отсто, избирачкиот процес е продолжен заради прекини.

„Граѓаните и денеска мирно и достоинствено, во фер и демократска атмосфера, го дадоа гласот за опцијата и програмата за која сметаат дека ќе им овозможи попросперитена иднина. Не подлегнаа на манипулации и сценарија што беа најавувани во претходните денови. Исто така не дозволија да бидат вовлечени во инциденти“, посочи министерката.

Нејзина оценка е дека и вториот круг поминал речиси идентично како и првиот.