ДИК повика на масовно и слободно гласање

Граѓаните во вториот круг од локалните избори масовно да излезат и слободно да гласаат по сопствена волја. Гласањето е тајно и тајноста на нивниот глас е загарантирана, повика денеска на прес-конференција претседателот на Државната изборна комисија Борис Кондарко.
Во недела на 7 април во вториот круг од локалните избори ќе се гласа во 29 општини и Градот Скопје на 1.614 избирачки места на кои право на глас имаат 1.103.175 гласачи.
Втор круг гласање ќе има во Арачиново, Берово, Битола, Богданци, Брвеница, Бутел, Велес, Врапчиште, Гостивар, Дебарца, Делчево, Ѓорче Петров, Јегуновце, Кавадарци, Карбинци, Карпош, Кочани, Куманово, Лозово, Могила, Ресен Старо Нагоричане, Струга, Студеничани, Теарце, Тетово, Центар, Чаир, Чешиново-Облешево и Градот Скопје.
Повторување на гласањето од првиот круг ќе има на три избирачки места во Струмица и едно во Долнени.
Утре на гласање ќе излезат затворениците, болните и изнемоштените и внатрешно раселените лица. Во вториот круг право на глас во општините каде ќе се одржуваат изборите имаат 988 затвореници и 73 внатрешно раселени лица.
Кондарко потсети дека на територијата на Скопје ќе се гласа за градоначалник на Градот, а дека во вториот круг градоначалник ќе се бира во пет од 10 скопски општини.
Одговарајќи на новинарско прашање во врска со гласање на лица кои имаат македонски биометриски исправи, но не и адреса во земјата, Кондарко рече дека за да гласаат овие лица во биометриските документи мора да постои македонска адреса на живеење онака како што е запишано во избирачкиот список.