МВР нема да толерира нарушување на изборите

Сите Сектори за внатрешни работи и Одделот за посебни единици, соопшти на денешната прес - конференција министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, имаат изготвено конкретни оперативни планови за обезбедување на изборниот процес со јасно дефинирани задачи и мерки за постапување на полициските службеници за време на изборниот процес согласно претходно направена проценка за можните ризици и кризни места каде би можело да се случат одредени нерегуларности во врска со изборниот процес.
Со полициска придружба, вчера е извршен транспорт на доверлив избирачки материјал од печатницата во Битола „Киро Дандаро“ до седиштата на 37 општински изборни комисии.
МВР ќе ги обезбедува гласачките места, а тоа опфаќа физичка безбедност на објектите каде се наоѓаат гласачките места и приодот до нив за време на гласањето, физичка безбедност на гласачките материјали и лична безбедност на гласачите, кандидатите, партиски работници или претставници, членови на ИО, акредитирани набљудувачи и воопшто јавноста.
Јанкуловска упати порака дека нема да се толерира никаков обид или нарушување на изборниот процес. Сите инволвирани ќе бидат откриени и санкционирани.
Во однос на работењето на Управните служби, од МВР информираат дека граѓаните ќе можат во сите подрачни единици да аплицираат и во сабота за добивање нов личен документ, во времето од 08.30 до 16.30 часот, додека во недела само ќе се издаваат веќе изготвените документи. Единствено во Скопје граѓаните ќе може и во недела да аплицираат за лична карта.