СДСМ со 100 тужби до Управниот суд

Потпретседателката на СДСМ, Ана Павловска Данева.

Повеќе од 100 тужби поднела до Управниот суд коалицијата „ Сојуз за иднината“, предводена од СДСМ, бидејќи според нив, Државната изборна комисија одлуките ги донела со надгласување, а не врз основа на закон и аргументи.
Потпретседателката на СДСМ Ана Павловска-Данева изјави денеска дека мнозинството на ВМРО-ДПМНЕ во ДИК го претворило овој државен изборен орган во политичка инквизиција. Според неа, најдобар доказ за тоа е фактот што мнозинството на ВМРО-ДПМНЕ во ДИК ги одбила нивните приговори не водејќи сметка за ниту еден факт и без притоа да се направи увид во избирачкиот материјал на оспорените избирачки места.
Членовите на ДИК кои одбиле повеќе од 300 приговори на опозицијата, како што рече Данева, за Струмица прифатиле приговори без никаков правен основ со кои сакаат да му ја украдат убедливата победа на градоначалникот Зоран Заев. Таа изрази очекување дека Управниот суд ќе покаже висока професионалност и независност во одлучувањето по тужбите, да пресудат ослободени од политички притисок, водејќи се единствено според уставот и законите.