Католиците го слават Велигден

Бискупот скопски и апостолски егзарх во Македонија Киро Стојанов на велигденската воскресна литургија што се одржа синоќа во Католичката црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје ја прочита велигденската порака. Драги браќа и сестри, ја славиме Годината на верата. Таа за нас е повик верата која ја примивме од своите татковци да ја обновиме. Годината на верата е втемелена токму заради тоа на изворот на верата да ја оживееме и обновиме нашата вера. Ова е всушност мигот, бидејќи е прослава на најсветлиот празник, таа вера да ја обновиме и направиме дејствителна - делотворна во нашиот живот. Велигден, значи, за сите нас има не само голема порака туку и послание. Кога сега околу прославата за Велигден се обновуваме во верата на изворот на најголемите таинства на спасението ние стануваме нови и подобри луѓе. Проштевањето е можно само во светлината на прифаќањето на верата.
Додека Ве благословувам во името на Отецот и Синот и Светиот Дух Ви го честитам Воскресението Христово и се радувам што Неговото победоносно лице ќе блесне во нашите срца. Христос Воскресе!, се вели во велигденската порака бискупот скопски и апостолски егзарх во Македонија Киро Стојанов.