Нерегуларности на одредени гласачки места

Според весникот Вечер:

Кавадарци: Фатено лице кое си го фотографирало ливчето
На избирачкото место 674 во Кавадарци, било фатено лице како го фотографира избирачкото ливче.
Откако лицето било фатено како го фотографира ливчето, местото е затворно и гласањето е прекинато.

Гостивар: Активист на партија гласал за повеќе лица
Набљудувач на една од партиите во селото Симница, пријавил дека околу 9:00 часот се случила тешка повреда на изборниот процес во избирачко место бр.512 во селото.
Според досегашните информации на партијата, едно лице од селото познат активист на една од партиите, гласал за повеќе лица. Исто така, според досегашните информации од една од партиите, во избирачкото место бр. 531 на еден гласач му биле поделени две гласачки ливчиња за советничка листа.
Според информациите на партијата, активисти од опоментната партија продолжуваат да агитираат и да вршат притисок врз граѓаните во близина на избирачките места. Околу 8:30 часот во непосредна близина на влезот на Средното техничко училиште во Гостивар, каде што се наоѓаат избирачките места 0422, 0423 и 0424, активисти на две од партиите вршеле притисок врз гласачите да гласаат за кандидатот за градоначалник од нивните редови.
Од партијата велат дека забележале неправилности и во близина на ОУ Исмаил Ќемалии каде се наоѓаат 6 гласачки места.
Сите неправилности се пријавени во ОИК - Гостивар, а известена е и Набљудувачката мисија на ОБСЕ - ОДИХР.
ТЕТОВО: Во Жеровјане недостасуваат две гласачки ливчиња
Гласањето во општина Тетово досега се одвива без проблеми. Единствено кога било контактирано со сите претседатели на избирачките одбори и на Општинската изборна комисија, било соопштено дека во Жеровјане, тетовско, на избирачкото место 2066, недостасуваат две гласачки ливчиња. За тоа била информирана и Државната изборна комисија.
Во општина Тетово право на глас имаат 77.570 лица, кои на 92 места може да избираат од пет кандидати за градоначалник.
Според Општинската изборна комисија, излезеноста е 6,58 проценти до 10 часот.

Според Телма: Околу 200 лица во Тетово не можат да го остварат своето гласачко право бидејќи ги нема во избирачкиот список. Од оптштинската изборна комисија велат не станува збор само за граѓани кои на време не извадиле биометриски лични документи. Меѓу нив е и лидер на една политичка партија.

Според весникот Вест: Од подрачната канцеларија на народниот правобранител во Битола до 12 часот добиле три дојави од граѓани за извесни проблематични ситуации при гласањето во Битола и Ресен.
Лилјана Илиевска, заменик народен правобранител соопшти дека имале дојави од ресенчани дека на изборно место во Ресен се носат гласачи со автомобили со албански регистарски таблички. Според дојавата на истото место настанало тепачка, но од полиција им рекле дека имало само вербална расправија.
Таа додаде дека подоцна добиле уште еден телефонски повик од граѓанин за истото избирачко место.
„Граѓанинот укажа дека на ова гласачко место се носат лица за гласање со патнички волзила со албански или бугарски регистарски таблички, кои никогаш не биле видени ниту гласале на тоа избирачко место“, соопшти Илиевска.
За Битола добиле дојава од член на избирачки одбор од избирачко место 075 дека одзеле спосиок со граѓани од страна на овластен преставник на подосител на листа.