Кина петтa по извоз на оружје во светот

Кина ја престигна Велика Британија и стана петти по големина извозник на оружје во светот, покажува новиот извештај на Меѓународниот институт за мировни истражувања од Стокхолм. Според извештајот, најголем купувач на кинеско оружје е Пакистан каде што оди 55 отсто од целиот кинески извоз. Во извештајот се наведува дека извозот на оружје од Кина од 2008 до 2012 година бил за 162 отсто поголем во споредба со претходниот петгодишен период. САД остануваат најголем извозник на оружје во светот со тоа што држат 30 отсто од пазарот, а Русија е на второ место со 26 отсто од пазарот на оружје. Германија е трета со 7 проценти, Франција држи шест, а Кина пет проценти од пазарот на оружје во светот. Најголемите купувачи на оружје се од Азија. На прво место е Индија, следува Кина, па Пакистан, Јужна Кореја и Сингапур.