ОН ќе расправаат за контрола на трговијата со оружје

Во Обединетите нации в понеделник ќе почнат нови преговори за постигнување спогодба за контрола на трговијата со оружје, откако претходните од минатиот јуни завршија со неуспех. 193 членки на Генералното собрание на ОН ќе имаат десет денови да пронајдат начин за уредување на трговијата со оружје во светот чиј годишен промет е над 70 милијарди долари. Главна цел е секоја земја да се обврзе дека пред продажбата на оружје ќе обезбеди оти тоа нема да биде употребено за кршење на човековите права и да падне во рацете на организираниот криминал. На јулските преговори беше постигнат изевесен компромис, но Соединетите држави го спречија усвојувањето на договорот, барајќи дополнително време за изјаснување. 18 Нобеловци вчера упатија отворено писмо до претседателот Барак Обама во кои велат дека договорот претставува морална обврска.