УНИЦЕФ - Конфликтот во Сирија со последици за цела генерација на деца

Сиријски бегалци во Јордан.

Фондот за деца на Обединетите нации, УНИЦЕФ, соопшти дека конфликтот во Сирија може да остави последици кај една цела генерација на деца. Извршниот директор на УНИЦЕФ Ентони Лејк изјави дека децата секој ден се сведоци на уништување. Во извештајот на УНИЦЕФ објавен вчера се наведува дека децата имаат трауми затоа што гледале како им се убиваат родителите и пријателите во конфликтот. Во извештајот исто така се наведува дека во областите погодени од конфликтот се зголемил бројот на деца кои страдаат од болести на кожата и респираторни болести. УНИЦЕФ соопштува и дека секое петто училиште е уништено или пак се користи како засолниште на раселените семејства. Директорот на УНИЦЕФ изјави дека во Алепо, само шест проценти од децата се во можност да одат на училиште. Тој рече дека во конфликтот многу болници и здравствени центри се уништени, а персоналот избегал.