Грчкото обвинителство нареди истрага за документарецот за „Златна зора“

Грчкото обвинителство нареди истрага за документарниот филм емитуван на британската телевизија Канал 4 во кој е прикажан кандидат за пратеник на крајно десничарската Златна зора како повикува да се направи сапун од имигрантите.
Документарецот, насловен „Чистачите“ кој го сними студентот по филмска режија Константинос Јоргусис, го следи Александрос Пломаритис низ Атина еден месец минатото лето, и прикажува членови на партијата кои отворено разговараат за тепање имигранти.
Портпаролот на Златна зора Илиас Касидиарис го опиша видеото како „трагикомично“ а ставовите прикажани во него „смешни“.
„Бев преплашен од тоа што овие членови беа горди да ги изразат своите екстремни идеи отворено во јавност за време на кампањата. Бев шокиран од нивното непријателство и од начинот на кој тие ги третираат имигрантите во Атина“, изјави Јоргусис пишувајќи за неговите искуства додека снимал.
Тој, исто така, истакнува дека на моменти бил „загрижен од нивото на поддршка од страна на грчкиот народ“.
Во изјавата за вестите на Канал 4, пратеникот на Нова демократија Андонис Јоргиадис рече дека мислењата изразени од страна на поддржувачите на Златна Зора „не се мислења на мнозинството Грци“. Според него, екстремната десничарска партија е срам за грчкото општество и демократија, но додаде дека грчкиот народ е под голем притисок и оти тоа предизвикало некои избирачи да го дадат својот глас за Златна зора.