Реал и Борусија одат во четвртфиналето

Фудбалерите на Реал од Мадрид се пласираа во четвртфиналето на Лигата на шампионите откако синоќа во реваншот како гости го совладаа Манчестер Јунајтед со 2:1 (првиот натпревар во Мадрид заврши нерешено 1:1). Поведоа домаќините со автоголот на Серхио Рамос во 48 минута, а пресвртот настана по исклучувањето на Нани во 56 минута. Изедначи Лука Модриќ во 66 минута, а конечниот резултат го постави Кристијано Роналдо во 69 минута. Домашните фудбалери и навивачите, како и менаџерот Алекс Фергусон до крајот на натпреварот негодуваа поради, според нив, престрогото исклучување на Нани од страна на судијата Чакир од Турција.
Во вториот осминафинален натпревар синоќа Борусија од Дортмунд го победи украинскиот претставник Шахтјор со 3:0 и се пласира во четвртфиналето. Головите за Германците ги постигнаа Сантана, Геце и Блашчиковски.
Вечер своите реванш натпревари ги играат Јувентус- Селтик и Пари Сен Жермен- Валенсија.