Адвокатскиот тим на Тарчуловски очекува негово ослободување

Јохан Тарчуловски

Aдвокатски тим на Јохан Тарчуловски очекува Хашкиот трибунал да се изјасни позитивно по барањето за негово предвремено ослободување и тој набрзо да се врати во Македонија. Барањето е препратено преку германското Министерство за правда до Хашкиот трибунал и се очекува одлуката на Судскиот совет на Трибуналот, изјави за МИА адвокатот Антонио Апостолски.
Во меѓувреме, Тарчуловски на неговиот Фејсбук профил од затворот во германскиот град Диц каде што ја издржува казната, порача дека конечно докажал дека не сторил никакво кривични дело насочено против цивили за што беше обвинет и осуден. Според него, трагично и жално е што некои болни умови преку изведување на терористички напади и убиства на цивили, војници и полицајци се бореле за политички функции. Тарчуловски порачува дека ниту еден Македонец не го посакувал тоа што се случи во 2001 година и дека секој човек има света должност да ја брани својата татковина.
Досегашната пракса во работата на Хашкиот трибунал покажува дека сите барања од овој тип се одобрени и осудениците се пуштени на слобода.