ВМРО ДПМНЕ со осуда за насилството и повик за смирување

Никола Тодоров

ВМРО-ДПМНЕ денеска изрази жалење и осуда за сите насилни однесувања во изминатите два дена и повика на смирување и разум. Членот на Извршниот комитет Никола Тодоров изјави дека нема ниту една прифатлива и разбирлива причина за предизвикување насилство, тепање недолжни луѓе, уништување јавен и државен имот. Според него, насилството нема ниту етничка, ниту политичка, ниту верска боја. Тодоров изрази верување дека институциите имаат капацитет и легитимитет да ги заштитат недолжните граѓани од каква било форма на насилство и самоволие.
Тој ги предупреди сите политички партии дека подигрувањето со меѓуетничките теми и односи секогаш носи штета за Македонија. Тодоров рече дека повиците за насилство дошле во момент кога требало да се покрие срамот на лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски и да се насочи вниманието на граѓаните на други теми, наспроти поразот и срамот кои ги претрпе, поради неговите лаги во минатите три месеци.
Тодоров потести дека во Македонија стана пракса, секогаш пред избори, пред извештај на ЕК или пред самит на НАТО, да ни се случуваат вакви инциденти. Сите знаат, според него, на кого тоа во земјата и надвор од неа им е во полза.