Бериша му ветил на Вестервеле фер избори

Албанскиот премиер Сали Бериша на средбата со шефот на германската дипломатија Гвидо Вестервеле, вети дека ќе спроведе слободни и фер избори, јавуваат албанските медиуми. Што се однесува на критиките од САД и од земјите на ЕУ за употребата на националистичката реторика, Бериша ја потенцирал албанофобијата која, според него, постои во регионот.„ Зачленувањето на Западен Балкан во ЕУ е и останува значаен проект за земјите од регионот, како нивна најдобра и најбезбедна иднина“ изјавил Бериша. Како што јавуваат албанските медиуми, тој смета дека од исклучително значење е да се надминат сентименталностите и појавите на албанофобија, кои не само што не се во служба на мирот и соработката во регионот , туку не се во интерес и на неговата интеграција во ЕУ. Вестервеле вчера во Тиран изјави дека е важно емоциите и националистичките расположенија да бидат контролирани и третирани со голема одговорност и многу внимание. Тој им порача на албанските политички партии да избегнуваат да играат на националистичката карта на парламентарните избори, што се закажани на 23 јуни.