СДСМ бара одложување на локалните избори а ВМРО-ДПМНЕ не дава

Опозицијата ги прифаќа предлозите на претседателот и премиерот на државата за формирање на експертска комисија и ќе учествуваат на локалните избори кои треба да бидат одложени за 14 дена поради спроведувањето на предлозите на власта. Ова за Радио Слободна Европа го изјави потпретседателот на СДСМ Зоран Заев. Заев вели дека доколку на локалните избори коалицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ добие поддршка од граѓаните со еден глас повеќе на советничките листи во однос на коалицијата предводена од СДСМ тогаш нема да бараат предвремени парламентарни избори. Тој додава дека новиот предлог до власта го доставиле по писмото кое го добиле од еврокомесарот Штефан Филе во име на силната решеност за добра иднина на државата, политички дијалог и евроатлански перспективи.
Заев истакнува дека опозицијата го прифаќа предлогот на претседателот Ѓорѓи Иванов за конституирање на експертска комисија пред почетокот на изборната кампањата и предлогот на премиерот Никола Груевски заедно да го донесат изборниот законик со вградени препораки на ОБСЕ и ОДИХР и да испратат заедно позитивна порака до меѓународната зедница.
На ова реагираше владеачката партија ВМРО ДПМНЕ која порача дека „Нема одложување на терминот за локалните избори, ниту можност за каков било политички дијалог за предвремени парламентарни избори ниту постои можност за прифаќање на какви било уцени од страна на СДСМ.“
Во писмената реакција е наведено дека „За сите други идеи за надминување на кризата создадена од СДСМ, а планирана од нивна страна уште од јуни, во кои не се содржани овие две точки, ВМРО-ДПМНЕ внимателно ќе ги анализира и ќе се произнесе.“