Нови десетици загинати во Сирија

Најмалку 20 лица загинале во воздушен напад во близина на Дамаск, соопштија сириски активисти. Сириската опсерваторија за човекови права со седиште во Велика Британија, соопшти дека постои страхување оти има и други затрупани под урнатините по вчерашниот напад врз предградието Хамурије.
Друга активистичка група, Локалниот комитет за координација, соопшти дека во нападот загинале 35 лица, а десетици биле ранети.
Исто така, вчера бил нападнат командниот центар на една бунтовничка група близу Дамаск, при што бил ранет водачот на групата.
Државните медиуми, пак јавуваат дека еден фудбалер загинал во минофрлачки напад врз стадионот во центарот на главниот град.
Според податоците на ОН, околу 70 илјади луѓе загинале од почетокот на бунтот против режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад, во март 2011 година.