Претседателски избори во Кипар

Кипар.

Претседателски избори се одржуваат денеска во Кипар. Битката за претседателската функција се води меѓу тројца кандидати, а најважно прашање во кампањата беше како да се спаси државата од банкрот. Според првичните прогнози, фаворит за функцијата е десноориентираниот кандидат, лидерот на главната опозициска партија Демократски збор, 66-годишниот Никос Анастасиадис, за кого се подготвени да гласаат околу 40 отсто од Кипарците. Тој ветува брз договор со ЕУ и со ММФ за спасувачки пакет за земјата. Главен противкандидат на Анастасиадис е кандидатот на левите сили Ставрос Малас. Тој учествува како независен кандидат, но ја има поддршката на Прогресивната партија на работниот народ на Кипар, наследничка на комунистичката партија. Третиот во претседателскиот натпревар е Јоргос Лиликас, независен кандидат, кој ја има поддршката на Движењето на социјалдемократите. Во случај денеска да нема победник, на 24 февруари ќе има втор круг. Кипар има претседателски систем на управување, во кој шефот на државата ја има и извршната власт.