Експерти на ЕУ ќе разговараат за аферата со месото

Експерти од ЕУ денеска ќе разговараат околу спроведувањето тестови и други мерки, одобрени на седницата во средата, посветена на скандалот со коњското месо. Во меѓувреме, француската влада соопшти дека ќе и ја одземе лиценцата на француската компанија поради сомневање дека свесно продавала коњско месо како говедско. Фирмата „Спангеро“ ги одби обвинувањата велејќи дека мислеле оти месото е говедско. Месото го купувала од Романија а потоа го продавала на друга француска компанија за производство на замрзнати јадења. Во скандалот со коњското месо се откри вмешаноста на десетина европски земји.