Белорусија не сака да регистрира геј-организација

Активисти организираат акција за толеранција на геј-заедницата во Минск на 11 октомври 2012 година.

Белоруското Министерство за правда одби законски да регистрира организација за правата на хомосексуалците во Минск. Организацијата на својата интернет страница gaybelarus.by објави дел од писмото од Министерството во кое се образложува одлуката.

Во писмото се наведува дека „организацијата во својот статут нема членови за поддршка на социјалната зрелост и сеопфатниот развој на белоруската младина“. Во статутот на организацијата се вели дека главните активности ќе им бидат поврзани со одбрана на правата на хомосексуалците, бисексуалците и трансексуалците.

Организацијата, која не може легално да работи ако не е регистрирана од Министерството за правда, најави дека ќе се жали пред Врховниот суд.

Иако хомосексуалноста во Белорусија беше декриминализирана по распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година, хомофобијата е сè уште голема.