Вујановиќ повторно кандидат за црногорски претседател

Црногорскиот претседател Филип Вујановиќ.

Црногорската владејачката Демократска партија на социјалистите (ДПС) денеска ја достави до Државната изборна комисија кандидатурата на актуелниот претседател Филип Вујановиќ за претстојните претседателски избори, што треба да се одржат на седми април.

ДПС го избра Вујановиќ за свој кандидат и покрај противењето на опозицијата дека тој нема право повторно да се кандидира за претседател, бидејќи досега двапати бил претседател. Лидерот на ДПС Мило Ѓукановиќ, пак, тврди дека Вујановиќ има право на уште еден реизбор бидејќи само еднаш бил претседател откако Црна Гора прогласи независност во 2006 година.

Досега кандидатурите ги доставиле лидерот на опозицискиот Демократски фронт, Миодраг Лекиќ и претставникот на Праведна Црна Гора, Раде Бојовиќ.