САД: Русија да ја укине забраната за увоз на американско месо

САД ја повикаа Русија веднаш да ја укине забраната за увоз на американски месни производи, поради наводната употреба на адитивот рактопамин. Во заедничката изјава на американскиот трговски претставник Рон Кирк и секретарот за земјоделство Том Вилсак, тие ја повикуваат Москва да ги почитува своите обврски спрема Светската трговска организација. Во изјавата се додава дека американското месо е произведено во највисоки безбедносни стандарди во светот.
Рактопаминот е адитив кој е забранет во некои земји, но агенцијата за прехранбени стандарди на ОН смета дека тој нема влијание врз човековото здравје ако неговото присуство е на ниско ниво.