Ослободени децата на иранските опозиционери

Мир Хосеин Мусави и Мехди Каруби.

Иранските власти ги ослободиле приведените две ќерки на опозицискиот лидер Мир Хосеин Мусави, кој е во домашен притвор. Ќерките на Мусави водат кампања за негово ослободување. Властите соопштија дека тие биле повикани „да објаснат нешто“. Претходно, портпаролот на Мусави од Париз рече дека безбедносните сили упаднале во домот на Наргес и Захра Мусави во Техеран и ги уапсиле, но оти сè уште не се знае каде се одведени.

Приведен на испрашување па ослободен бил и синот на другиот опозициски лидер Мехди Каруби.

Мусави и Каруби му беа противкандидати на претседателот Махмуд Ахмадинеџад на претседателските избори во 2009 на кои тој го доби вториот претседателски мандат. Мусави и Каруби тврдеа дека изборите се фалсификувани. Тие беа уапсени на почетокот на 2011 година, откако ги повикаа нивните поддржувачи на протест во знак на поддршка на Арапската пролет во Тунис и во Египет. Од тогаш се во домашен притвор.