Хајка против азербејџански писател поради контроверзен роман

Познатиот азербејџански писател Акрам Ајлисли.

Една од партиите од владејачката коалиција во Азербејџан понуди награда од 10 илјади манати, односно околу 12.700 долари, за тој што ќе му го исече увото на контроверзниот писател Акрам Ајлисли. Демонстрантите во градот Ганџа во западен Азербејџан вчера палеа книги од познатиот писател Акрам Ајлисли, нарекувајќи го „предавник на азербејџанскиот народ“.

Минатата недела нему му беше одземена титулата Народен писател, а остана и без националната пензија, поради неговиот роман „Камени соништа“ што лани се печатеше во едно популарно руско списание. Романот ги опишува чувствителните односи меѓу Азербејџан и Ерменија, фокусирајќи се на Нагорно-Карабах, област во Азербејџан, претежно населена со Ерменци, која се отцепи во 90-тите.

Здружението на писатели на Азербејџан соопшти дека го исклучило Ајлисли. Стотици луѓе во саботата протестираа во Ајлис, родното село на писателот.